16.04.2019 - Новости

Интервју со Ѓорче Ставрески

Креативна Европа МЕДИА Деск МК во соработка со Агенцијата за филм на Република Северна Македонија во рамките на 22. Скопски филмски фестивал организира интензивната тренинг програма предводена од Брајан Мекгил „Умешноста на добриот пичинг: подготовка и пракса“. По тој повод зборуваме со режисерот и сценаристот Ѓорче Ставрески на тема пичиниг. Ѓорче Ставрески со филмот „Исцелител“ беше учесник на неколку пичинг форуми меѓу кои најважни се настапот на WEMW (When East Meets West) каде ја освои една од трите награди (EAVE стипендија) и настапот на Маркетот на Берлинскиот Фестивал каде ја освои втората награда доделена од германските телевизиски професионалци.

 

Зошто е важно еден филмски професионалец да биде способен да го пичува својот проект?

Филмот е скапа уметност и без разлика на жанрот, многу е битно човек лесно да ја искомуницира својата идеја до потенцијалните партнери и инвеститори. Особено денес кога никој нема време и вниманието е најретката работа на планетава, брзиот пристап до идеите може само да помогне, никако да биде на одмет. Дека пичингот е битен за комерцијалниот филм тоа е општо познато, а во американскиот филмски сленг има најразлични термини опишувајќи разни форми кои се употребуваат за маркетинг и комуникација на идеите. Меѓутоа, и покрај природниот антагонизам кон пичингот на режисерите кои работат уметнички филм, јас сум сигурен дека секоја идеја може да биде сублимирана и да се сведе на некоја пократка форма и како таква да биде подостапна за сите. Дополнително, не мислам дека пичингот е само нужно зло за глупиот инвеститор да го отвори паричникот. Обидот со минимум зборови да се раскаже идејата секогаш носи свежина и нов поглед низ кој авторот може полесно да согледа во кои рамки ќе се движи филмот и според тоа да се адаптира и да продолжи да ја развива идејата или сценариото.

Три работи кои се најважни за да се биде good pitcher?

  1. Крати, крати, крати. Пишување и сублимирање на приказната на хартија.
  2. Сериозна подготовка за испорака во живо: десетици, стотина пати да се прераскаже приказната пред себе, на камера, пред пријатели и останати. Со стоперка во рака.
  3. Една чашка алкохол пред настап.

 

 

*фото преземено од blog.literatura.mk