02.09.2019 - Новости

МЕДИА Деск МК, Хрватска и Хамбург со заедничка соработка на 40-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“

Со големо задоволство оваа година заеднички го славиме четириесетгодишниот успех на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ кој е првиот и најстар светски фестивал посветен на светските кинематографери.

Во рамките на овогодишното фестивалско издание МЕДИА деск МК во соработка со МЕДИА Деск од Хрватска и Хамбург на 19.септември (четврток) во 13.00 часот (тераса хотел „Епинал“)  ве покануваат да присуствувате на Филмски разговори на тема: Успех: отскок или стапица?!

Што е успех? Фестивалски награди, полни кино сали…Дали успехот е страв или поттик за авторот?  Отскок или стапица? Цел за себе? Можно ли е да се создава филм без да се мисли на (не)успех?  

Филмските разговори се корисни бидејќи имаат моќ да пренесат лични приказни и доживеани искуства.  Учесниците во разговорот не се случајно поканети. И бидејќи тезата за тоа што е успех е дискутабилна, а за дискутабилните нешта секогаш има потреба да се разговара, тие секако ќе имаат што да кажат.  

Учесници на разговорот: 

Рајнер Клаусман e швајцарски кинематографер. Најпознат е по неговата тандемска соработка со германскиот режисер Фатих Акин. Филмови на кои соработувале се: ОД НИШТО (на 38. ИФФК „Браќа Манаки“ ја доби „Сребрената камера 300“); ЗБОГУМ БЕРЛИН (2016), ПРЕСЕК (2014), СОУЛ КИЧЕН (2009), НА РАБОТ НА РАЈОТ (2007), СО ГЛАВА ВО ЅИД (2004, добитник на „Златната камера 300“ на 25. Фестивал „Браќа Манаки“), СОЛИНО (2002). Работел и со Вернер Херцог на филмовите ВРИСОКОТ ОД КАМЕН (1990) И ЛЕКЦИИ ПО ТЕМНИНА (1991, документарен). Клаусман соработувал и со режисерите Маркус Имбоден, Еран Рилис, Оливер Хиршбигел, а за филмот БАДЕРМАЈНХОВ КОМПЛЕКС на режисерот Ули Едел ја добил наградата Бронзена жаба на фестивалот Камеримаж во 2008 година.

Елеонора Венинова е сценаристка и режисерка на филмови и ТВ серии. Нејзините филм „Влакна“ и „Борба за смрт“ добиле десетици награди и биле прикажувани на над 60 фестивали низ светот. Нејзиниот последен краток филм „Знакот“, кој режисерски го потпишува заедно со Јона Розенкиер, имаше премиера во програмата „Кензен“ на Канскиот филмски фестивал во 2019 година. Во моментов го развива својот прв долгометражен игран филм „Преекспонирано“, финансиран од Агенцијата за филм на Северна Македонија.

Макс Цале е роден во Хановер во 1977 година и пораснал во германскиот град Целе. Од 2001 година наваму режирал неколку музички видео-спотови, реклами и кратки филмови. Од 2008 до 2010 година студирал филмска режија на Школата за медиуми во Хамбург. Неговиот дипломски филм РАЖУ добил повеќе од 40 награди, вклучувајќи го и бронзениот студентски Оскар во 2011 година, а веќе во 2012 година филмот е номиниран за Оскар. Во 2014 година Цале го снимил својот дебитантски игран филм ШРОТЕН! кој се натпреварувал за наградата Мак Офлус во 2016 година и ја добил Наградата на публиката. Во 2018 година Макс ја режира ТВ драмата „Дали си среќен“ која имала премиера на Филмскиот фестивал во Хамбург и ја добила наградата за Најдобра ТВ драма на фестивалот Биберахер.

Дубравка Туриќ е режисерка, сценаристка и монтажерка. Дипломирала на Академијата за драмски уметности на Универзитетот во Загреб, Хрватска. Нејзиниот прв краток игран филм „Беладона“ го доби Златниот Лав, Наградата „Оризонти“ за најдобар краток филм на 72-иот Филмски фестивал во Венеција во 2015 гоодина. Филмот исто така бил прикажуван на Филмскиот фестивал „Санденс“, Филмскиот фестивал во Ротердам и многу други. Нејзиниот втор краток игран филм „Цреши“ имал премиера на Кан, во официјалната програма „Кензен“ во 2017 година. „Тина“, нејзниот трет краток филм е во конкуренција на Филмскиот фестивал во Сараево 2019 година. Дубравка исто така ја потпишува монтажата на над триесет играни, експериментални и анимирани филмови, над двеста реклами, а исто така работела и како сценаристка на ТВ документарни серии. Во моментов ги развива своите играни филмови „Траги на полпат“ и „Рајно“ во Филмската лабораторија во Торино.

Филмовите на учесниците  Raju – Макс Цале, Belladona – Дубравка Туриќ и The sign (Sarajevo mon amour) – Елеонора Венинова се дел од специјалните проекции на 18-ти септември 2019.

Дополнително на 19-ти септември ќе имате можност да закажете индивидуални консултации за програмата Креативна Европа МЕДИА со Мартина Петрович-раководител на МЕДИА Деск Хрватска (Петрович го раководи хрватскиот МЕДИА Деск повеќе од 10 години и има големо искуство во поддршката на успешни апликанти) и Бистра Георгиева-раководител на МЕДИА Деск МК.

*консултации се закажуваат на media@ced.mk најдоцна до 17.09.2019

Заедно со нашиот домаќин ИФФК „Браќа Манаки“, чие 40-то издание е поддржано од Креативна Европа МЕДИА ве очекуваме во Битола.

Тим МЕДИА Деск МК