02.03.2022 - Oтворени повици

Култивирање на европски медиумски таленти и вештини (2022)

Линк: Fostering European media talents and skills (CREA-MEDIA-2022 -TRAINING)

На 10 февруари 2022 година, Европската комисија, во рамките на Програмата „Креативна Европа 2021 – 2027“- МЕДИА, го објави Повикот за Негување на европски медиски таленти и вештини за 2022 година, со краен рок за поднесување на електронските апликации 4 мај 2022 година, до 17ч.

Култивирање на европски медиумски таленти е поддршка насочена кон градење на вештини и капацитети на професионалци од аудиовизуелната дејност. Целта на оваа поддршка е да се зајакне капацитетот на професионални лица за прилагодување кон нови креативни процеси и деловни модели за целосно да ги искористат можностите кои ги нудат дигиталните иновации. Посебен акцент е ставен врз стекнувањето на претприемачки вештини и знаeња за развојот на  пазарните и дигиталните технологии, односно анализи на податоци, одржливи деловни модели, интернационализација, маркетинг, промоција, развој на публика, реставрација на филмското наследство, како и „позеленување“ (greening) на индустријата, преку тренинзи наменети за еколошки  консултанти (greening consultants) со цел да се стекнат со практично знаење.

Кој може да аплицира? 

На повикот Култивирање на европски медиумски таленти и вештини можат да се пријават субјекти кои се:

  • Регистрирани како правни лица (јавни или приватни правни лица);
  • Регистрирани во држава која е дел од Креативна Европа (држави членки на Европската Унија, држави кои се дел од Европската економска област и држави кои не се дел од Европската Унија, но се членки на програмата Креативна Европа – целата листа е достапна на следниот линк);
  • Регистрирани на дигиталната платформа (достапна на следниот линк).
Поддршката е достапна за:
  • Активности во форма на физички и/или онлајн курсеви, кампови и/или менторски програми засновани на иновативни методи на учење, настава, менторство и обука, користејќи ги најновите дигитални технологии; 
  • Надоградување на вештини и знаења прилагодени на еволутивните пазарни практики наменети за професионалци од аудиовизуелната индустрија, особено млади професионалци, како и професионалци од стартап компании;
  • Активности во кои мнозинството од учесници е од различна националност од онаа на апликантот.
Цели:
  • Стекнување на нови знаења, вештини и стручност низ аудиовизуелниот синџир на вредности, особено дигитални вештини; 
  • Развој на нови деловни модели и зајакнување на меѓународната соработка во аудиовизуелниот сектор;
  • Промовирање на деловни стратегии кои обезбедуваат поодржлива и поеколошка индустрија, како и различност и вклученост;
  • Обуки за одржливост и еколошки решенија во аудиовизуелната индустрија; 
  • Негување на млади таленти и поддршка на стартап компании во аудиовизуелната индустрија.
Достапно финансирање

Максималниот износ на кофинансирање изнесува 80% од вкупниот буџет на проектот. Времетраењето на проектите во рамките на овој повик е до 36 месеци.

 

Подетални информации за повикот Култивирање на европски медиумски таленти и вештини, се достапни на следниот линк.

Апликацијата се пополнува и се доставува онлајн преку Порталот за финансирање и можности за тендери (FTOP) на Европската комисија, во согласност со крајниот рок. 

За повеќе информации поврзани со Повикот можете да се обратите до Одделението за Креативна Европа на ЕУ – Потпрограма Медиа при Агенција за филм на Република Северна Македонија. 

 

Е-пошта: media@ced.mk
Е- пошта: mirchevska.ivana@filmagency.gov.mk 

ул. 8 Март бр. 4, 1000 Скопје, Северна Македонија
тел. +389 2 3224 100 / факс. +389 2 3224 111
www.filmagency.gov.mk