По официјалното пристапување на Република Македонија во потпрограмата МЕДИА на Креативна Европа на 24 јули 2015 година, на повикот за развој на проекти учествуваа два македонски филма, а исто така беа испратени и две апликации за поддршка на фестивали.
Од двете испратени апликации за развој на проекти, финансиски беше поддржан долгометражен филм наменет за деца „Шеќерното дете“ во режија на Игор Иванов кој е еден од 56-те селектирани проекти од 356 пријавени во ноемврискиот рок во 2015 година.
„Шеќерното дете“ е филм поддржан од страна на Агенцијата за филм на Република Македонија во 2015 година, а е во продукција на Скопје Филм Студио, Томи Салковски како продуцент. Додека сценариото за филмот е напишано по мотиви од новелата „Шеќерната приказна“ од Славко Јаневски.
„Шеќерното дете“ покрај поддршката од страна на Агенцијата и поддршка за развој од потпрограмата МЕДИА, вооедно има поддршка за развој и од регионалниот фонд SEE Cinema Network.
Првата поддршка на проект од Република Македонија се случува во истиот период кога и официјално започнува да работи Канцеларијата на МЕДИА при Агенцијата за филм на РМ која ќе ги информира и ќе им дава поддршка на македонските филмски работници и други заинтересирани страни при изготвувањето на нивните апликации за конкурстите објавени од страна на оваа потпрограма.