Tранснационален настан

By alfa4 , 10 Октомври, 2025
Tранснационален настан на тема „Унапредување на културното наследство преку европска соработка - мрежи, мобилност и можности за финансирање од ЕУ“
Tранснационален настан

Со задоволство ве покануваме да бидете дел од дводневниот транснационален настан на тема „Унапредување на културното наследство преку европска соработка - мрежи, мобилност и можности за финансирање од ЕУ“, кој ќе се одржи:

 

  • на 14 октомври 2025 г. со почеток во 10:00 часот во НУ Порта Македонија, Скопје и
  • на 15 октомври 2025 г. со почеток во 9:30 часот во Европската куќа, Скопје.

 

Настанот е во организација на Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија (Канцеларија на Креативна Европа), во партнерство со: Делегацијата на Европската Унија и Европската куќа во Скопје, Министерството за образование и наука, Агенцијата за европски образовни програми и мобилност, НУ Завод и музеј – Битола, НУ Археолошки музеј на РС Македонија, НУ Стоби, Филозофски факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Центар за нови иницијативи во уметноста и културата – Локомотива, Скопје.

Тематскиот фокус на настанот е културното наследство како основа врз која се темелат политиките на Европската Унија и можностите за финансирање преку програмите „Креативна Европа“, „Еразмус+“ и „Хоризонт Европа“. Ќе бидат претставени активности и добри практики на европски и на регионални мрежи кои играат клучна улога во поддршката на транснационалната соработка, мобилноста и развојот на европски проекти.  

Покрај домашните професионалци од институциите и организациите корисници на овие програми на Унијата, на настанот ќе учествуваат и европски експерти во областа на културното наследство, и тоа: Маргерита Сани, вонреден професор на Универзитетот во Болоња, координатор на проектот LEM во рамките на NEMO (Мрежа на европски музејски организации), проф. Пјер Џакомо Сола, виш истражувач во европската мрежа „Michael Culture“ од Италија и д-р Кришна Чандрамули, Венека ЕУ, од Велика Британија.

Настанот е наменет за потенцијални и постојни корисници на програмите на ЕУ: јавни институции, здруженија, општини, образовни установи и организации кои дејствуваат во областа на културното наследство во поширок контекст.