Отворен е повик за предлози за „Ознака за европско наследство“

By vladimir , 21 Декември, 2025
Отворен е повик за предлози за поддршка на спроведувањето на „Ознака за европско наследство (European Heritage Label – EHL)“

Оваа година „Ознаката за европско наследство (ОЕН)“ е доделена на 67 локалитети, распоредени на 275 локации во 22 земји членки на Европската Унија. Со континуираното зголемување на бројот на носители на ознаката, се наметнува потребата од поцврста координација, размена на заеднички практики и зголемување на видливоста на активностите поврзани со ОЕН, и на локално и на европско ниво. 

 

Цел на повикот

Целта на повикот е да се идентификува организација или конзорциум со докажан капацитет кој ќе го користи историското и културното наследство на Европа за ангажирање, едукација и информирање на граѓаните.

Избраната организација ќе обезбедува поддршка на мрежата на локалитети со ОЕН преку:

  • поттикнување можности за обуки и соработка меѓу засегнатите страни;
  • промоција и зголемување на видливоста на активностите поврзани со ОЕН.

 

Улога и одговорности

Избраната организација или конзорциум ќе дејствува како секретаријат на мрежата на локалитети со ОЕН и ќе им помага на локалитетите да ги усогласат своите активности со секторите наследство, култура и креативни индустрии, како и со образовниот сектор.

Посебен акцент ќе биде ставен на насочување на ресурсите кон активности на ниво на заедницата и проекти на ниво на локалитетите, со цел да се обезбедат реални придобивки за граѓаните и ефикасно користење на средствата.

Избраната организација или конзорциум ќе соработува со постојната мрежа од 26 национални координатори со цел да се постигнат следниве резултати:

  • зголемена видливост на ОЕН во земјите учеснички и кај целните публики, на национално и на европско ниво;
  • поддршка и претселекција на апликации;
  • континуирана поддршка и следење на локалитетите со ОЕН на национално ниво.

 

Мерките за градење капацитети опфаќаат:

  • Учење и усовршување – јакнење на вештините на засегнатите страни на ОЕН, во координација со европски проекти;
  • Вмрежување и финансирање – обезбедување финансиска поддршка за локалитетите со ОЕН за спроведување на нивните акциски планови:
  • Поттикнување соработка меѓу европските тела активни во областа на наследството.

 

Буџет: 3 милиони евра

 

Краен рок за аплицирање: 11 февруари 2026 г., 17:00 часот (CET)

 

Начин на подготовка и поднесување на предлог-проектите/апликацијата

Предлог-проектите се подготвуваат во согласност со критериумите и условите наведени во документот за повикот: Support for the implementation of the European Heritage Label (CREA-CULT-2026-EU-HERITAGE-LABEL), Version 1.0, 26 November 2025. Повикот и документот на повикот може да ги најдете тука.

Апликациите се обработуваат и се поднесуваат електронски преку Funding & Tenders Opportunity Portal (F&TP). Информации за пристапување до F&TP може да најдете тука.

Дознајте повеќе за локалитетите со „Ознака за европско наследство“ тука.