Во услови на брзи промени во дигиталниот медиумски простор, Европската Комисија вложува континуирани напори за унапредување на медиумската писменост на граѓаните, поддржувајќи соработка меѓу европските земји и ограничување на штетното влијание на дезинформациите.
Тековниот повик е објавен во рамките на Меѓусекторската потпрограма на Креативна Европа со вкупен буџет од 3.000.000 евра. Максималната поддршка по проект изнесува 500.000 евра, а стапката на финансирање од Европската Унија е 70 % од вкупно прифатливите трошоци на проектот. Оттука, апликантите треба да ги кофинансираат своите проекти и од други извори.
Цел и приоритети:
Целата на овој повик е да поддржи иновативни прекугранични проекти и практики за медиумска писменост ширум Европа, насочени кон различни општествени групи и фокусирани на справување со предизвиците на постојано променливиот дигитален медиумски пејзаж.
Поддршката е наменета за колаборативни проекти со јасно дефинирани цели за унапредување на медиумската писменост, кои ќе се фокусираат на следниве приоритети:
• Обезбедување решенија што им овозможуваат на граѓаните да развијат критички однос кон медиумите, да препознаваат и соодветно да реагираат на дезинформации, на техники на манипулација со информации и други предизвици во онлајн медиумската средина;
• Унапредување и ширење на добри практики за медиумска писменост кои го земаат предвид променливиот медиумски екосистем, ги надминуваат културните, националните или јазичните граници и ја зајакнуваат соработката меѓу различни европски региони. Иновативните пристапи може да вклучуваат нови или оригинални идеи, методи, алатки или начини на имплементација, без разлика дали се онлајн или офлајн;
• Користење на медиумската писменост како средство за инклузивност на граѓаните, нивно активно учество во општествените процеси и отпорност на манипулации и негативни влијанија врз демократските процеси.
Очекувани резултати
• Создавање или проширување на прекугранични соработки во проекти што применуваат добри практики надвор од национални, културни и јазични граници;
• Развивање и примена на алатки и иницијативи за медиумска писменост, земајќи ги предвид потребите на одредени целни групи – вклучително, но не ограничувајќи се само на групи со ограничени медиумски вештини или пристап до медиуми;
• Поддршка на професионалци од областа на медиумската писменост за прилагодување на нивната работа на брзиот развој на медиумските формати и на променливите навики на граѓаните во конзумирањето на медиумските содржини.
Квалификувани активности
Во рамките на овој повик ќе се финансираат следните активности:
• Креирање и/или дистрибуција на повеќејазични и/или мултикултурни материјали, вклучително и интерактивни содржини за подобрување на дигиталните вештини на граѓаните, нивното разбирање на медиумскиот пејзаж и нивната отпорност на дезинформации и обиди за манипулација со информации.
• Развивање алатки за медиумска писменост и други материјали за граѓани, обучувачи, креатори на содржини и медиуми, насочени кон сите или кон специфични возрасни и општествени групи.
• Развивање иновативни решенија за медиумска писменост прилагодени на сегашниот и идниот медиумски пејзаж (проектот може да вклучува прототипи, но не треба да биде исклучиво насочен кон развој на ИТ).
• Организирање обука за граѓани, едукатори и креатори на содржини, вклучително и размена на добри практики преку јазични, национални и културни граници.
• Организирање јавни настани и/или работилници за подигање на свеста и споделување добри практики.
• Активности организирани од локалните заедници со цел прилагодување и подобрување на пристапот до алатките и другите материјали за медиумска писменост.
Квалификувани апликанти:
Квалификувани апликанти за овој повик се конзорциуми составени од најмалку 3 правни субјекти од минимум 3 различни земји учеснички во Програмата Креативна Европа. Конзорциумите може да вклучуваат:
o профитни и непрофитни организации (приватни или јавни);
o јавните власти (национални, регионални, локални);
o меѓународни организации;
o универзитети и образовни институции;
o медиумски организации;
o истражувачки и технолошки институции;
o сервиси за технолошки услуги.
Времетраење на проектите: до 24 месеци
Начин на подготовка и поднесување на предлог-проектите/апликацијата
• Предлог-проектите се подготвуваат во согласност со критериумите и условите наведени во документот за повикот: NEWS – Media Literacy (CREA-CROSS-2026-MEDIALITERACY), Version 1.0, 21 October 2025. Повикот и документот на повикот можете да го најдете тука.
• Апликациите се обработуваат и се поднесуваат електронски преку Funding &Tenders Opportunity Portal (F&TP). Информации за пристапување до F&TP може да најдете тука.
Повеќе информации за повикот може да добиете на он-лајн сесија во организација на Европската Комисија, која ќе се одржи на 3 декември 2025 година од 10:00 – 12:00 часот.
За учество на он-лајн сесијата користете го следниов линк.